„Нашите“ и „вашите“ ги срушија цените

Колку политиката е навлезена во земјоделието, односно меѓу земјоделците, потврдуваат активностите на разни здруженија и иницијативни одбори и нивниот пристап кон решавањето на краткорочните и долгорочните проблеми. Практично, кога една политичка опција е на власт, истата не преговара и не се договара со земјоделските здруженија кои се наклонети кон другиот политички блок, и обратно, со цел да се избегнат непријатните критики. Но така се добиваат нереални претстави за состојбите, на пример со оризопроизводството, поради што губи мнозинството земјоделци и развојот на оваа специфична земјоделска култура.

Различното гледање на проблемите беше манифестирано и деновиве, кога за здружението блиско до власта, состојбите со оризот и откупот не се проблематични, па на заедничките средби нема поплаки и барања за мерки. Но за другите, ситуацијата е полоша од било кога порано. Одтука и реакциите на средбите со блиски здруженија и фирми, што ги организира ресорното министерство, на кои се креира нашминкана состојба за пред јавноста.

Сепак најголемата опасност за оризопроизводството лежи во политизацијата и поделбата на земјоделците на „ваши“ и „наши“, која неретко се применува при откупот и откупните цени, како последица на што многу млади ги напуштија родните ниви и заминаа надвор од државата, бидејќи како што велат, не сакаат никој да си поигрува со нивниот труд.

Сподели: