Во Светот новинарите ги убиваат физички, кај нас „законски“


Дека новинарската професија е една од најризичните зборува извештајот на Репортери без граници, според кој во Светот годинава се убиени 50 новинари. Во Македонија и во Кочани новинарите не ги убиваат, туку законски ги ликвидираат-на рати.

Педесетте новинари се убиени извршувајќи ги своите работни задачи, објави организацијата репортери без граници во годишниот извештај за слободата на медиумите. Притоа, седум од десет новинари се убиени во земји кои не се во војна.

Во Македонија и во Кочани, власта последните години сеуште не посегнала по криминални убивања на новинари, но страшно е што тоа се прави на „тивок“ начин, перфидно низ законски процедури. Во тој нивен поход ги користат и услугите на разни здруженија. Тие пак измислија геноцидна теза-Многу медиуми, сиромашни новинари, и им ја ставија јамката околу вратот, и на медиумите и на новинарите. Примерот со смртта на сопственикот на некогашната тетовска КИС телевизија е еден од најкарактеристичните, доколку се имаат во предвид неговите поплаки во последните година-две пред смртта, дека се обидел да ја спаси телевизијата на сите можни начини, но не наишол на разбирање ниту кај политичарите, ниту кај институциите.

Инаку, Репортери без граници забележуваат дека годинава стотици новинари починале од ковид-19, но не е јасно колку од нив се заразиле како резултат на извршување на професионалните задачи.

Од сите убиени новинари, според извештајот, дури 84% од нив биле свесна мета и биле убиени намерно.  Според Репортери без граници изминатата деценија во Светот се убиени 937 новинари. Темите  за  корупција или организиран криминал, во земјите како Мексико на пример, каде криминалот цвета, новинарите  ги плаќаат со живот.

Сподели: