„Слога 1934“ со минимален пораз од „Дрита“ во Тетово

Во рамки на подготовките за пролетниот дел од првенството во Втората фудбалска лига Исток, екипата на Слога 1934 денеска го одигра првиот контролен натпревар, против „Дрита“ во Тетово. Виничани претрпеа минимален пораз од 1:0, во натпревар во кој резултатот беше во втор план. Тоа што е битно во оваа фаза од подготовките е мошне добрата физичка подготвеност на фудбалерите, кои на лошиот терен прикажаа завидна борбеност и ангажираност во сите линии.

Фактот дека во игра влегоа сите расположиви фудбалери ја потврдува намерата на шефот на стручниот штаб Крсте Крстев да ги испроба сите, посебно засилувањата од зимскиот преоден рок, за да се искристализира првиот состав, кој треба да понесе најголем дел од товарот во пролетната полусезона.

Инаку, веќе на 30 јануари, Слога ќе го одигра вториот натпревар, против Каменица Саса, на стадионот Филип Втори во Виница.

Сподели: