Играње со меѓунационалното со трајни последици

На човек на сила не можеш да му дадеш, (може само да му земејш), е народната мудрост која веројатно на сите им е позната. Со фотографии документираното уништување на детското игралиште во населбата Драчевик, непосредно до популарната Социјална зграда, е само уште една потврда дека кога им се помага на луѓето, мора да се води сметка на кого му се помага и што се очекува од нив. Дотолку повеќе што уништувањето на опремата во детското игралиште е втора за неполна година, и како што стојат работите, нема да биде и последна. Кога станува збор за оваа станбена зграда, треба да се има во предвид дека од вселувањето на станарите практично започнаа и поплаките на околните жители во семејни куќи, дека нагло се зголемил бројот на кражби, нарушувањата на јавниот ред и мир на граѓаните и други негативни појави кои им го отежнуваат живото.

Кога на овој проблем ќе се надоврзе и неодамнешниот протест на жителите во населбата Трајаново Трло, чии семејства живеат во страв од провални кражби, од брзо возење на нерегистрирани возила од страна на малолетници, како и од нарушувања на животната средина поради палења на пластики и гуми заради бакар и други метали, станува јасно дека во градот се развива проблем кој на тие што сакаат да профитираат на таа карта, може да им се врати како бумеранг.Во државата такво профитирање на други политички и меѓунационални релации веќе има, и познато е колку тоа ги чини сите, и колку е тешко враќањето назад.

Колку се опасни политичката наивност и површност, зборува прво присуството на градоначалникот на протестот, без да е јасно во која функција. Проблемот не е од преку ноќ и непознат, па на лице место да се нудат решенија.

Второ, несреќно срочениот прес на првиот човек на локалната опозиција, без разлика колку има вистина во сите тие прашања, повеќе ги комлицира состојбите, отколку што го негативизира проектот на власта. Особено поради дополнителната реакција на Партијата на демократски просперитет на Ромите, како и на огранизаторите на протестот.

Дневнополитичката реторика, за жал завршува со невешто прикриена доза на бранење на посочените жители на пресот, од страна на градоначалникот, кој само ден претходно беше на страната на тие што протестираат.

Во секој случај, во услови на непринципиелно дневнополитичко дејствување на сите партиски чинители и носители на функции, логично е да се очекува одредени групации да профитираат на сметка на други, и тоа да оди во недоглед и во неповрат.

Сподели: