Надлежните неодговорни, заболените и починатите, сами си се виновни …

На граѓаните никако не им е јасно како може државниот врв деновиве да полемизира и да дава оценки околу разидувањето на претседателот Пендаровски и Министерот Филипче, дали било, или не, срам за државата, или манифестација на хуманост на соседите, масовното вакцинирање на македонците во градовите низ Србија. И дали изјавата на шефот на државата е соодветна или не.

Не е само срамно за државата, туку е и тажно и трагично. Тоа што некој можеби ги изгубил тие емоционални чувства, е друга работа.

Работите со Ковид 19 се така поставени што секој што ќе се разболи, самиот си е крив, па дури и морално и законски одговорен ако несвесно заболел и го пренел вирусот на други лица со кои бил во контакт. Според таа логика, сите илјадници заболени се неодговорни, па дури и тие што ги загубиле животите и најблиските.

Од друга страна, државата и Министерството за здравство, не се одговорни буквално за ништо. Ниту за ненавремено набавените вакцини, ни за ограничените капацитети на здравствените установи, ни за повремените недостатоци за кислород, лекови и пред се на соодветен лекарски кадар.

Затоа, не само што е срамно за државата, туку е и тажно и трагично. Тажно затоа што секој ден се полнат болниците, и трагично затоа што умираат луѓе, семејства губат најблиски и преку ноќ им се урива животот, сегашноста и иднината. Башка што и излекуваните, според лекарите, никогаш повеќе нема да се вратат во првобитната здравствена состојба.

Прашањето е, кој и како да им објасни на семејствата дека доцнењето на вакцините е нормално и дека нивниот починат самиот е виновен за личната и фамилијарна трагедија. Затоа, порано или подоцна, некој во оваа држава ќе го постави прашањето на одговорност за многу непотребно загубени животи.   

Сподели: