Граѓаните ја одбранија локацијата, градоначалникот најави нова постапка

ЖИТЕЛИ ОД ТРИ НАСЕЛБИ МУ ГО РАСИПАА ПЛАНОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ, ГО СПРЕЧИЈА ПОЧЕТОКОТ НА ИЗГРАДБА НА ДВАЕСЕТТЕ ТИПСКИ КУЌИ-ПОДАРОК ЗА ДИВОВСЕЛЕНИТЕ ЖИТЕЛИ НА КАСАРНАТА. НАСОБРАНИТЕ ОД ТРАЈАНОВО ТРЛО, УСОВА ЧЕШМА И ДРАЧЕВИЌ ПОБАРАА ПРОМЕНА НА ЛОКАЦИЈАТА ЗА ИЗГРАДБА НА КУЌИТЕ, ПОТЕНЦИРАЈЌИ ЈА СВОЈАТА ОДЛУЧНОСТ СО ТРАНСПАРЕНТОТ „САМО ПРЕКУ НАС МРТВИ“

Откако дознале дека денеска во Кочани ќе бидат поставени темелите на изградба на дваесетте типски куќи наменети за своевремено дивовселените  жители во старата касарна, граѓани од населбите Трајаново Трло, Усова Чешма и Шатровик утрово ја вратија назад градежната механизација, и со транспаретни се спротивставија на реализацијата овој проект на градоначалникот Николчо Илијев. На мирниот протест тие побараа запирање на подготвителните работи и темелно преиспитување на целокупната процедура од страна на Советот на Општина Кочани за изградба на  мини населбата, нагласувајќи дека нема да дозволат таа да никне на оваа локација.

Со транспарент „Само преку нас мртви“ тие јасно им ставија до знаење на советниците и на градоначалникот дека избраната локација во Трајаново Трло не е соодветна, бидејќи ја нема потребна инфраструктура и е поставена среде зелен појас.

-Не е во ред тука да ја лоцираат оваа нова населба, бидејќи се нарушуваат многу други работи кои се од интерес на граѓаните, како што е Зелениот појас. Освен тоа околу куќите сигурно ќе никнат и други објекти. А ние и без овие сега имаме сериозни проблеми, вели еден од учесниците на протестот.

Поради вонредната ситуација, претставници на Иницијатвиниот одбор денеска оствариле итна средба со градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев при што го информирале за своите барања. Илијев за порталот „Гласно“ изјавил дека по денешната реакција и барањето на жителите, одлуката за изградба на куќите за домување привремено ќе ја стави во мирување,  при што на следната седница на Советот на Општина Кочани советниците ќе дисутираат за овој проблем, а локалната самоуправа ќе ја почитува нивната одуката.

На денешното блокирање од страна на граѓаните, на почетокот на реализацијата на проектот за изградба на дваесетината типски куќи наменети за жителите од старата касарна, му претходеше одлука на Советот на Општината за локацијата. Освен тоа, за реализацијата на овој проект веќе се обезбедени средства и е избран изведувач на градежните работи. Меѓутоа, дали и кога ќе започне неговата реализација, по денешната блокада, тешко може да се предвиди, особено доколку се пристапи кон промена на локацијата, што би значело нова урбанистичка процедура, нова документација, пресметки и цени на самата изградбата.

Сподели: