Протестот на жителите од трите населби, не е етнички, ни политички …

… велат во денешното известување жителите на Трајаново Трло.

Постојат обиди на одредени политичари и поединци од Ромската етничка заедница да му дадат етнички и партиски контекст на вчерашниот протест и тоа преку ширење на говор на омраза и поттикнување на етнички тензии преку социјалните мрежи. За овие лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци до надлежните органи.

Би сакале да ја информираме јавноста дека во ниту еден момент вчерашниот или кој било претходен или иден протест на жителите од населбата Трајаново Трло и околните населби, не бил и нема да биде насочен против одредена етничка заедница. Помеѓу социјално ранливите категории има лица од сите етнички заедници и неспорно е дека на сите нив треба да им се обезбедат пристојни услови за живот. Воедно ја поздравуваме заложбата на Градоначалникот и на Општината за преземањето активности во таа насока.

Како што јасно беше наведено во барањето кое го поднесовме до Општина Кочани, постојат неколку причини поради кои сегашната локација за изградба на социјални станови е несоодветна а тоа се следниве:

  • Не постои канализациона и водоводна мрежа на оваа локација како ни асфалтиран патен пристап до истата. -Местото не е урбанизирано и урбанизација на истото ќе биде огромен трошок за буџетот така што дислокација на градбата е најразумно и најекономично решение.
  • Не постои изработен проект за тоа како потенцијалната урбанизација и евентуална нова инфраструктура би влијаела на веќе постојаните и проблемите коишто би биле предизвикани на водоводната и канализациона мрежа.
  • Станува збор за зелен појас кој наместо да се негува и да претставува место за рекреација за жителите од населбата и од околните населби, истиот се претвора во градилиште и не се води сметка за заштита на животната средина.
  • Постојат гласини дека при прераспределбата на социјалните станови добитници на вакви станови се и лица кои не се жители на општина Кочани и со тоа се прекршени одредбите од Законот за Социјална Заштита. Доколку ова е точно, сериозно би можело да влијае на безбедноста на жителите и одржувањето на јавниот ред и мир во нашата населба во која и така многу често се случуваат тешки кривични дела како разбојништва и разбојнички кражби но и прекршоци како управување со нерегистрирани и технички неисправни возила.

Поради сето ова побаравме од Општината прекинување на постапката за градба и согласно законските процедури ревидирање на истата и дислоцирање на градбите. За ова наидовме на разбирање од страна на Градоначалникот Николчо Илијев. Веруваме дека исто така и советниците од Советот на Општина Кочани ќе ја сфатат сериозноста на проблемите со кои се соочуваме и ќе донесат правилна одлука за надминување на истите.

Жители на Трајаново Трло

Сподели: