Субвенции за велосипед побарале 83 жители на Кочани

Осумдесет и три лица, жители на Кочани, поднеле барање за субвенционирање велосипеди по јавниот повик што минатиот месец го распиша Општина Кочани.

Општинските служби што ја водат постапката известуваат дека од утре започнува увидот на купените велосипеди за кои граѓаните бараат субвенционирање. Барателите телефонски ќе бидат известени за начинот и времето на контролата. Потоа ќе биде изработено решение од Комисијата и на секој барател ќе му се надомести трошок во висина од по 3 илјади денари нето износ.

Со јавниот повик што го објави Општина Кочани, барање за субвенција може да поднесе само едно полнолетно лице од едно домаќинство. Лицето треба да е полнолетен жител на Кочани и да има платен данок на имот за станбениот објект во кој живее.

Целта на оваа мерка од општинската Програма за заштита на животната средина е да ги стимулира жителите на Кочани да користат велосипед како превозно средство, што ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот.

Сподели: