Кој е одговорен што ДАФ две години е без поддршка од Министерството за култура ?

Нелогични, па дури и чудни работи во последните година-две се случуваат околу Драмскиот аматерски фестивал, кои делуваат збунувачки за јавнста, но и за советниците во Советот на општината и за првите луѓе во градот. Според објаснувањето на актуелниот извршен директор Дарко Спасов, за организацијата и одржувањето на ланскиот ДАФ во вонредниот термин во октомври 2020 година, од Министерството за култура не се добиени очекуваните средства, затоа што биле побарани по одржувањето на истиот. Одтука, сами по себе се наметнуваат неколку логични прашања. Прво, дали организаторите на ДАФ, останале должни поради недобиените пари. Второ, ако не, тогаш Управниот одбор на фестивалот за што ќе ги потрошел, доколку ги добиел?

Во делот за организацијата на ДАФ 2021 година, извршниот директор Дарко Спасов побара поголема поддршка од општината, бидејќи и оваа година фестивалот ќе остане без средствата од Министерството за култура. На пратеничко прашање, поради кои причини, Спасов со шокантен одговор: екс-извршниот директор заборавил да аплицира во предвидениот рок. Ако е така, тогаш каде биле другите членови на Управниот одбор на ДАФ, дали имало или не координација меѓу нив и дали воопшто имало некаков план за работа, или агенда на активности помеѓу двата фестивала.

Како и да е, ваквите гафови и пропусти од темел го тресат ДАФ, кој е единствена репрезентативна културна манифестација во Кочани од државен ранг. Ако набрзо не се средат работите тогаш може да се случи некој друг град да ја преземе организацијата на драмската аматерска смотра, која неретко има и меѓународен карактер, со гости од повеќе земји во регионот и пошироко.

Сподели: