Земјоделци од Мојанци се жалат на наводнувањето

Проблеми за земјоделците на почетокот на наводнителната сезона и сеидбата на оризот во атарот на селата Мојанци и Горни и Долни Подлог,, кои се жалат на неисчистени земјени и други канали, како и на необезбедувањето материјали од Водостопанство Брегалница за поставување таканаречени буки за зафаќање и премостување на водата но нивите. Таквата ситуација ги забавува полнењето на нивите со вода и самата сеидба, што предизвикува нервоза кај производителите, кои брзаат да ги фатат оптималните рокови. Тие истакнуваат дека за цело поле бил ангажиран само еден водар и тоа неосигурен, кој сам ниту можел да направи бент во реките, ниту да го регулира наводнувањето.

-Сеидбата почна и треба да е пола завршена, а ние не можеме вода да спроведене до нивите, вели земјоделец од Мојанци. Некои вади не се исчистени, дури ни колец нема забиено во полето. Нема штици за бентови и буки. Реагираме кај директорот во Водостопанство Брегалница, а тој ни вели дека се е до Скопје. Не има даваат пари за извршување на неопходните активности. Еве го багерот стоеше со денови оти нема нафта, дури денеска го пуштија во работа.

Земјоделците велат дека редовно си ја плаќаат водарината по 800 денари за декар, ама за возврат не добиваат квалитетно наводнување.

Со обелоденувањето на овие проблеми, сега се поставува дилемата дали при полни со вода реки и акумулации, квалитетното извршување на наводнувањето и сеидбата ќе биде доведено во прашање од човечкиот фактор. Особено поради фактот дека водата од реките неповратно истекува неискористена, наместо да ги наполни нивите во полињата во Кочанската Котлина

Сподели: