Во „вмровска“, или „комуњарска“ црква ќе се крстат верниците ?

НА КОЈА ОД ДВЕТЕ ЦРКВИ ИЗГРАДЕНИ ДО КАРАБИНА, ЕДНАТА НА ИСТОЧНИОТ, А ДРУГАТА НА ЗАПАДНИОТ ДЕЛ ОД ГРАДОТ, ПОПРВО ЌЕ СЕ КРСТАТ ВЕРНИЦИТЕ, ЗАВИСИ И ОД ТОА КОЈ ЌЕ ПОБЕДИ НА ПРЕТСТОЈНИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ ИЗБОРИ. КАРАБИНАТА ВО ДРАЧЕВИК ИЗГРАДЕНА ВО ВРЕМЕ НА ПРЕТХОДНАТА ВЛАСТ, ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАБОРАВЕНА И ОБРАСНАТА ВО ТРЕВИ И ТРЊЕ. ВО МЕЃУВРЕМЕ, НАДПАРТИСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ЈА ГРАДИ ЦРКВАТА ВО УСОВА ЧЕШМА ЧИИ ТЕМЕЛИ СЕ УДРЕНИ ПРЕД ДВЕ ДЕЦЕНИИ. ЌЕ ДОБИЈАТ ЛИ ВЕРСКИТЕ ОБЈЕКТИ И ПОЛИТИЧКИ ИМИЊА „ВМРОВСКА“ И „КОМУЊАРСКА“ ?

Во која црква попрво ќе се крстат и молат верниците во Кочани, се чини ќе зависи од тоа која партија, или кој кандидат за градоначалник ќе победи на октомвриските локални избори. Дека изградбата на духовните храмови зависи од тоа кој е на власт, потврдува запуштената околина на црквата изградена до карабина во населбата Драчевик, која четврта година залудно чека мајстори. Актуелниот надпартиски (како што се нарекува) градоначалник очигледно нема намера да довршува што некој пред него започнал, па затоа се зафати да ја изгради црквата во кругот односно стопанскиот двор на Водостопанство Брегалница, чии темели пред дваесетина години ги постави тогашниот градоначалник, во функција на некои тогашни избори.

Како и да е, се чини како и со многу други двојни нешта, и на црквите ќе им остане партискиот призвук, едната да е „вмровска“, а другата „комуњарска“. Така е затоа што политичките моќници во одреден период, не се погрижија барем верските храмови да не ги делат по партиска основа. Таквата негативна оставштина ќе има соодветни инпликации и врз верниците, кои сакале или не, ќе мора да размислуваат и водат сметка, во кое време во која црква ќе влегуваат, и ќе се крстат. А кога е така, тогаш логично е зошто благородната мисија на создавање на духовни храмови, фрескоцртањето и духовното заживување, ја немаат смислата на заедништвото на верниците, кои не сакаат некој да им го одземе уверувањето дека пред Бога сите с(м)е исти.

Заради сето тоа, ако на претстојните градоначалнички избори се кандидира, на пример, Николчо Илијев, и победи, тогаш верниците од источниот дел на градот веројатно попрво ќе добијат Црковен храм, а ако новиот градоначалник биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, поверојатно е дека ќе се стави во фунција црквата во Драчевик.

Сподели: