Граѓаните заглавуваат во долгови, банките билдаат профити

Додека банките бележат раст на профитот и бројат милионски добивки, граѓаните се повеќе се задолжуваат пред се по основ на кредити. Но тоа е очекуван епилог на нелогичното дистанцирање на финансиските институции од Ковид 19 кризата во државата. Замрзнувањето на ратите за отплата на кредитите на шест месеци, но без замрзнување на каматите, практично им донесе пресметата добивка на банките, бидејќи практично пола година им ја продадоа на сите кредитокорисници, како да потпишале по уште еден договор за кредит за тој период. Тоа значи шесте или повеќе месеци раат од рати, граѓаните ќе го платат со додатна камата со редовен процент за тој период, која ќе им стигне со повисоките износи подоцна.

Според најновите податоци на Народна банка, граѓаните и компаниите продолжуваат да се задолжуваат кај комерцијалните банки, а кон растот на задолженоста, освен вообичаените потреби, придонесува и пандемијата на коронавирусот, но и нивната профитна стратегија. Вкупните кредити бележат континуиран месечен раст од околу еден отсто, како резултат на растот на кредитирањето на двата сектора, при што поголем придонес има секторот „домаќинства“. Годишниот раст на вкупните кредити изнесува 7,3 проценти, меѓутоа финансиските експерти сметаат дека допрва се очекува уште поголем раст.

Сподели: