Третирањата неефикасни, комарците напаст

Ако во Штип граѓаните се жалат на наезда од комарци, а Берово и Делчево ќе прскаат утре, тогаш може да се претпостави каков проблем со досадните, понекогаш и опасни, инсекти, имаат кочанчани. Особено што изминатата пролет и летово тајминзите за третирање не се најсреќно погодени, па одтука и ефектите се далеку од посакувани. Земјоделците од полскиот дел се жалат дека навечер не можат да излезат да си ги извршат секојдневните активности во нивите, бидејќи наездата од комарци е неподнослива. Сточарите пак од планинските реони велат дека комарците ги испокасаа нив, но и добитокот. Оризопроизводителите од своја страна се на мислење дека хемиски средства против комарците треба да им се дадат ним, за ги третираат нивите и практично да ја уништат инкубацијата на инсектите.

Предлози нуди кој како што размислува и претпоставува, меѓутоа нема издржани стручни анализи од научни работници, со какви мерки можат да се постигнат најдобри резултати. Дури не се применуваат и меѓународни искуства во бесконечната борба. Можеби затоа добар дел од граѓаните се убедени дека прскањето од земја и од воздух е неефикасно, и дека дури се сомневаат оти наместо средства се става вода, колку да се рече-прскано е.

Во секој случај, невидливите ефекти од третирањето оставаат впечаток дека оваа активност се исполнува само колку да се задоволи обврската, а резултатите никој ниту ги мери, ниту ги презентира.

Сподели: