Привршува изградбата на новата детска градинка

Новата детска градинка во населбата Драчевик во Кочани го оформува изгледот – градежните работи влегуваат во завршна фаза.

– Од внатрешното уредување деновиве се изведуваат активности за спуштање на таваните, во тоалетите се поставени плочки, вградена е инсталација за греење. Паралелно се работи и на дворното уредување и на фасадата – соопштуваат стручните служби во Општина Кочани вклучени во надзорот, најавувајќи дека наскоро градинката ќе биде целосно завршена.

Организирајќи го поширокиот простор, Општина Кочани го гради и тротоарот на улицата „Февруарски поход“, а се планира и изградба на детско игралиште во непосредна близина на новиот објект. 

Новата градинка е проектирана на две нивоа, ќе има шест занимални,дистрибутивна кујна, две заеднички, таканаречени дневни соби поврзани со тобоган. Во игралиштето ќе има рингишпил, јажиња, ѕидови за качување и тактилна патека. Фасадата е фотокаталитичка, со ефект на 40 дрвца, со можност да го прочистува воздухот во околината.

– Наскоро ќе биде готов новиот објект во рамките на Детската градинка „Павлина Велјанова“. Сметам дека тоа е посебно значајно, затоа што инвестирањето во градинките значи поквалитетен ран детски развој, но и поголема и порамноправна вклученост на родителите на пазарот на трудот, а обезбедувањето доволно капацитет за згрижување на децата всушност претставува создавање квалитетен човечки капитал во иднина – вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Кочани е една од првите општини во државата каде што се гради нови  детска градинка со грант од Проект финансиран од Светска Банка, со кој се подобрува пристапот до услугите за згрижување и воспитание на деца. Во неа ќе бидат згрижени 115 деца, што значително ќе одговори на потребите на семејствата кои се наоѓаат на списокот на чекање за престој на нивните деца во оваа јавна установа.

Сподели: