Градоначалниците би уште еден мандат, иако некои глумат незаинтересираност

ДО СЕГА НИТУ ЕДЕН АКТУЕЛЕН ГРАДОНАЧАЛНИК НА СДСМ НЕ ИЗЈАВИЛ ДЕКА НЕ САКА ВТОР МАНДАТ. ЗА ПЕТ ДЕНА ВЛАДЕЈАЧКАТА ПАРТИЈА ЌЕ ГИ СООПШТИ ИМИЊАТА НА ПРВИТЕ ДВАЕСЕТИНА КАНДИДАТИ КОИ ПОВТОРНО ЌЕ ТРЧААТ ИЗБОРЕН КРУГ ЗА ВТОР МАНДАТ. ВО ВМРО ДПМНЕ СЕУШТЕ ГИ ИСПИТУВААТ РЕЈТИНЗИТЕ НА МОЖНИТЕ КАНДИДАТИ, НО ПРЕГОВАРААТ И СО НЕПАРТИСКИ КАДРИ, ВО ПОТРАГА ПО ДОБИТНА ОПЦИЈА. И МАЛИТЕ ПАРТИИ ЌЕ ИГРААТ ЗНАЧАЈНА УЛОГА ОКОЛУ ИСХОДОТ НА ИЗБОРИТЕ, ОСОБЕНО КАЈ СОВЕТНИЦИТЕ

Додека низ државата во поедини општини актуелните градоначалници јавно ги истакнуваат своите кандидатури за втор мандат, на истокот речиси не протекува никаква информација со кои имиња политичките блокови ќа ја бијат битката на претстојните локални избори. Тоа што е едноставно во општините Куманово, Автокоманда, Карпош, Битола, Струга, во овој дел на државата се крие , како да се очекува којзнае каква сензација, или изненадување за гласачите.

Актуелниот градоначалник на Кочани, Николчо Илијев вели дека тој самиот сигурно нема да се кандидира, што би требало да значи дека чека да го кандидираат од партискиот врв, нормално доколку сметаат дека одговорил на функцијата во изминатите четири години, дека ја заслужува довербата на партијата и дека може да победи. Каква улога овој пат ќе одигра тоа што се претставува како надпартиски градоначалник, веројатно ќе оценуваат во СДСМ.

Повеќе медиуми деновиве пренесуваат дека многу актуелни градоначалници ќе бараат нов мандат. Порталот МКД пренесува дека во СДСМ велеле оти ниеден од градоначалниците не кажал дека не сака повеќе да биде на таа функција. Мнозинството од нив веќе поднеле кандидатури. Сепак, извршниот одбор на СДСМ не може да ги игнорира ниту партиските кадри пријавени преку општинските организации. Меѓутоа од Општинската организација сеуште не се објавува дали се во оптек имиња на чисто партиски кандидати, или едноставно се чекаат инструкции од врхушката.Веројатно од тие причини првите имиња ќе бидат објавени на 13 јули, отприлика за 20 општини, а останатите до крајот на август.

Слична е ситуацијата и кај ВМРО-ДПМНЕ, иако малку појасна, со оглед на издвоените фаворити, кои се вртат околу имињата на Љупчо Папазов, Иван Иванов и Миле Лефков. Иако и тука се можни изненадувања во последен момент, бидејќи партијата сеуште ја бара добитната комбинација. Неофицијално, од партискиот врв во изминатиот период се преговарало со повеќе локални бизнисмени, што би можело да значи дека во игра може да влезе и непартиски кадар.

Тоа што ги држи во неизвесност двете големи партии, но и граѓаните, секако е, како ќе одиграат малите партии, како Левица, Интегра, ДУИ … Дали некоја од нив ќе излезе со кандидат за градоначалник, дали само со листи за советници, или едноставно ќе се приклонат кон некој поголем политички блок.

Сподели: