Дали Кочани е дел од шумската мафија која „врти“ 25. милиони евра годишно

Дали бесправната сеча во шумите на Осоговските Планини и на Плачковица е табу тема, па за неа во Кочани никој ниту информира, ниту зборува. Иако е вообичаено оваа служба да се пофали со некаков успех во спречувањето на дрвокрадците и заштитата на шумите, со месеци и години наназад шумските полицајци во Кочани не се појавиле во јавноста со некаква успешна акција. А на ниво на држава се зборува за шумска мафија, зелена мафија, намерно палење шумски површини заради ефтина сеча, како и за владеење на мито и корупција при  сите форми на нелегална сеча, на локално-ништо. Податоците велат дека од бесправно сечење годишно во Македонија се вртат по над 25 милиони евра. Кога станува збор за такви суми, по автоматизам се наметнува прашањето, има ли во Кочани шумска мафија и дали таа може да функционира без аминување или ортаклак со институциите или поединци во нив?

Ако се проанализираат расположивите податоци, секако дека ја има мафијата, за што потврда се податоците на ниво на држава, според кои во изминатите пет години поднесени се 150 кривични пријави против 264 службени лица, од кои седуммина се полициски службеници, а другите се вработени во шумската полиција, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во националните паркови. Значи биле учесници или соучесници во нелегалниот бизнис со шумскиот фонд.

Дека матните бизниси во стопанисувањето со шумите потекнуваат од високи кругови, потврдува тоа што шумските стопанства мака мачат да ги добијат тендерите поврзани со експлоатацијата, поради што сечата и испораката на договорените количини доцни и по пола година.

Сподели: