Петровденското празнување-без камери!

Без камери на локалните телевизии протекоа празничната богослужба и Светата архиерејска литургија во храмот „Св. Вмч Георгиј“ и кршењето на славскиот колач во паркот во Кочани, со кои чиноначалствуваше митрополитот брегалнички г-дин  Иларион во сослужение на повеќе свештеници, а во рамките на одбележувањето празникот на градот. Камерите и новинарите на двете телевизии ги немаше на повеќето манифестации организирани во рамките на Петровден. Тоа е прв случај локалните медиуми да не го регистрираат соодветно празникот на градот. На тој начин им е ускратена можноста на голем број граѓани да ги видат настаните, како и на верниците да ја почувствуваат духовната димензија на празнувањето. Се работи за огромен број граѓани кои поради различни причини немале можност да ги проследат содржините и се надевале дека преку локалните телевизии ќе ги видат концертите и другите содржини, за индиректно и тие да бидат дел од сеопштото празнување.

Таквата реалност остава впечаток дека одговорните го одбележуваат Петровден, само за да го одбележат, без оглед на тоа колку тој ќе одекне меѓу граѓаните. Аргумент плус за тоа е и заборавноста да се продолжи работното време на угостителските дуќани во празничната ноќ за два часа, што на реакција на еден опозициски советник на последната седница на Советот, беше ставено на гласање во последен момент, па одлуката беше донесена. Инаку и за Петровден во градот ќе беше се исто како и секој друг обичен ден.

Сподели: