Платата расте полека, цените галопираат

ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ОД 28.721 ДЕНАРИ ЗА МАЈ, МНОЗИНСТВОТО ВРАБОТЕНИ МОЖАТ САМО ДА ЈА СОНУВААТ. И ТАКВА ТАА Е ПОМАЛА ОД МЕСЕЧНАТА ПОТРОШУВАЧКА КОШНИЧКА ЗА ЕДНО 4 ЧЛЕНО СЕМЕЈСТВО, КОЈА НАДМИНА 35.000 ДЕНАРИ.

И покрај тоа што просечната исплатена нето плата во државата постојано расте, сепак расте и сиромаштијата, дури и кај дел од вработените.  Државниот завод за статистика, објави дека во мај годинава просечната месечна исплатена нето плата по вработен изнесувала 28.721,00 денари, што е за 8,8% повеќе од мај, лани, кога изнесувала 26.410,00 денари. Зголемувањето се должи на порастот на платите во секторите: Уметност, забава и рекреација каде е 29.0 %,  Објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 28.7 % и Други услужни дејности 14.4 %.

Топ три сектори со највисока просечна исплатена нето плата по вработен во државата се: Информации и комуникации; Финансиски дејност и дејности на осигурување, како и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Тоа што е нелогично и не дава реална слика на состојбите во државата е што податоците за порастот на платите не се даваат паралелно со порастот на трошоците за живот, за да може да се види дали со зголемената просечна плата, чиј износ е неостварлив сон за поголем број од граѓаните, подобро се живее, или полошо.  Особено ако се знае дека поскапувањата на енергенсите, на градежните материјали, на прехрамбените продукти, на земјоделските производи и така натаму, се на дневна, неделна или месечна основа.

Сподели: