Надпартиски и непартиски – има разлика

Општина Кочани за првпат од воведување на повеќепартискиот систем, на чело има надпартиски  градоначалник. Тоа во основа значи дека така формулираниот градоначалник не е член на ни една партија, што значи ниту на СДСМ. Па сепак, дел од граѓаните и по речиси четири години од раководењето со општината на актуелниот татко на градот, се прашуваат што значи тоа надпартиски. Дали „над“ значи дека некој е над партијата, со претпоставка дека таквата самопозиционираност воопшто е можна. Или можеби значи уште повисоко, над партиите. Овие дилеми за јавноста се особено збунувачки, затоа што има и други поедноставни формулации, како – непартиски кандидат, што во основа кадровското решение не го става над партијата, туку надвор, или вон партијата која го кандидира и стои зад него. На крајот на краиштата, зошто се тие додавки, кога во овој град секој знае кој е кој, и што е што. Надпартиски, подпартиски, непартиски или партиски, не е важно, бидејќи кандидат на едната или другата партија, кога е во налет, сигурно ќе биде градоначалник. А за самоуверените во сопствените вредности има независни кандидатури, и таквите кандидати за градоначалници навистина се надпартиски.

Тоа што во праксата се случува, наликува на селективно самодистанцирање во делот на добрите и лошите политики. На пример, кога градоначалникот ќе биде критикуван заради вработувања во локалната самоуправа или која и да е друга институција, тогаш тој се повикува на надпартизмот, се иззема, и не ја дели одговорноста со партијата. Но кога ќе реализира значаен проект со помош од централната власт, тогаш придобивките се заеднички. Народски кажано, се што е добро е мое и наше, а што е лошо, е само ваше.

Сподели: