Големите партии спремаат блокада на независните листи !

СДСМ и ВМРО, уплашени како никогаш досега од независните листи како што се ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, Më mirë për Tetovën, Поинаку, Гази Баба, итн., сакаат да нè спречат да излеземе на локалните избори. Со измените кои ги договориле на Изборниот законик оваа недела, наместо фиксен број на потписи што треба независните листи да ги соберат за да излезат на избори, таа бројка е ставена на 2% од гласачкото тело. Во реалноста тоа значи дека за независна листа да може да кандидира градоначалник или советници на Град Скопје, наместо досегашните 1.000, ќе треба да собере скоро 10.000 потписи! 10 ПАТИ ПОВЕЌЕ ПОТПИСИ ОД ПОРАНО, само да може воопшто да одиме на локалните избори! Освен тоа, потписите се собираат исклучиво во работно време, во мали подрачни канцеларии на ДИК, во период кога мнозинството граѓани се на летен одмор. Случајност?

Заедно со другите независни листи ќе ги искористиме сите механизми на располагање за да го спречиме ова брутално газење по демократијата, и да покажеме дека големите партии имаат од што да се плашат!

1️⃣Бараме од претседателот Пендаровски да не стави потпис на противуставна и недемократска измена на Изборниот законик

2️⃣Бараме да се произнесат Народниот правобранител и Државната комисија за спречување на корупција

3️⃣Бараме да се намалат критериумите за собирање потписи за независни листи во Изборниот законик по примерот на добрите практики од долунаведените европски земји.

4️⃣Ако насилството врз демократијата продолжи, ќе организираме протести и ги повикуваме да ни се приклучат сите групи од земјата што решиле да прават независни листи и сите свесни граѓани кои не сакаат повеќе да дозволат да се врти тркалото СДСМ-ВМРО-ДУИ.

🌍Каква е ситуацијата во другите земји?

Во Кипар и Малта, независните кандидати треба да ја докажат поддршката на само четворица избирачи. Во Грција, потребни се само 12 потписи за независни кандидати. Во Германија 200; во Данска помеѓу 150 и 200. Во Хрватска потписи буквално може да се собираат на улица со покажување на лична идентификација и нема сложен бирократски процес како кај нас.

За разлика од таму, во Македонија, партиите кои 30 години паразитираат врз нас преку вакви криминални измени на законите – систематски сакаат да ги елиминираат можностите за граѓаните да бидат ефективно вклучени во процесите на носење одлуки.

❓Членот 62 првпат се менува

Овие измени на Изборниот законик се договорени од големите партии и ќе бидат пуштени во Собранието за да се усвојат. Овој член од влегувањето во сила на Изборниот законик пред 15 години, не е ниеднаш менуван, сè до сега, по договорот меѓу големите политички партии.

Партиите се свесни дека поддршката што ја имаат од граѓаните е на најниско можно ниво во историјата на неависноста на земјата што може да се забележи и од сè помалата излезеност на граѓаните на избори – на последните избори во 2020 г. гласало само 30% од вкупното гласачко тело во земјава. И тоа е доминантно клиентелистичко гласачко тело. Јасно е дека партиите чувствуваат закана од независните листи како таа на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД и на повеќе други непартиски групи. Ова претставува последен очаен обид едно политичко малцинство насилно и недемократски да го продолжи своето криминално владеење со локалните самоуправи и државата, наметнувајќи бирократски пречки за независни листи во Изборниот законик на едвај 3 месеци пред избори што е одлика само на длабоко корумпирани режимски земји!

Сподели: