Пожарот, причини и последици

Ноќеска конечно е окончана дводневната битка на противпожарните единици и на голем број граѓани со огнената стихија која ги зафати ридовите со сува трева и со борови насади, и се закануваше да се рашири на првите куќи во периферните населби. Вчерашното учество во гаснењето на двата хеликоптера дадоа значаен придонес во гаснењето, особено во непристапните предели.

Денеска будно ќе се следи ситуацијата на терен за да не дојде до евентуално ново пламнување на пожарот на тоа што малку остана неопожарено, како што вчера се случи. Како мерка на претпазливост екипи на противпожарните единици дежураат на критичките места на теренот.

Истовремено, денеска ќе започнат да се анализираат причините за пожарите, како и последиците од истите. Од тој аспект добро е што во пожарот нема жртви, ниту посериозно повредени. Единствено до сега е регистриран еден пожарникар кој вдишал чад и имал помали здравствени проблеми, а на повреда при гаснењето се пожалило и едно цивилно лице.

Најголемата штета сепак е предизвикана кај повеќедецениските борови насади од зелениот појас околу градот, кои во голем процент се уништени. Стручњаците за шуми велат дека ќе бидат потребни децении за да се возобнови шумскиот појас, кој е од исклучително значење за екологијата околу градот.

Инаку, најголемиот товар во борбата со пожарот го понесоа пожарникарите од ТППЕ на Кочани, помогнати од единици од Штип, Виница и Македонска Каменица. Сите тие повеќе од две деноноќија работеа во пеколни услови, дежураа по ридовите и ја контролираа огнената стихија, која е една од најголемите во поново време во Општина Кочани.

Сподели: