И кандидати за советнички листи – тешко се наоѓаат !?

КАКО ШТО СТОЈАТ РАБОТИТЕ НА ПЕТ ДЕНА ПРЕД ИСТЕКОТ НА РОКОТ ВО КОЈ ПАРТИИТЕ ТРЕБА ДА ГИ ОФИЦИЈАЛИЗИРААТ КАНДИДАТСКИТЕ ЛИСТИ ЗА СОВЕТНИЦИ, ПОТРАГАТА ПО ЗАИНТЕРЕСИРАНИ СТАНУВА СЕ ПОДРАМАТИЧНА. ПОТРЕБНИ СЕ ВКУПНО ОКОЛУ СТОТИНА ГРАЃАНИ ЗА ДА СЕ ПОПОЛНАТ ПЕТ ЛИСТИ, ШТО ПАРТИСКИ, ШТО НЕЗАВИСНИ. АКО СЕ ПРОАНАЛИЗИРААТ ДОСЕГАШНИТЕ ИСКУСТВА, ФУНКЦИЈАТА СОВЕТНИК СЕ ДЕВАЛВИРАНА ДО КРАЈНИ ГРАНИЦИ, БИДЕЈЌИ НАМЕСТО ЗНАЕЊЕ, ИСКУСТВО И ОДГОВОРНОСТ, ОДАМНА Е ПРЕТВОРЕНА ВО МОЖНОСТ ДА СЕ ДОЈДЕ ДО РАБОТА, ХОНОРАР ИЛИ НЕКОЈА ТРЕТА ПРИДОБИВКА.

И кандидатите за функцијата советник во општинскиот совет, наеднаш стануваат дефицитарни. При поголем број што партиски, што независни листи, во кои треба да се наредат по 19 кандидати, одредени политички партии, па и независни кандидати, имаат сериозни проблеми да го исполнат потребниот број. Особено е тешко со недобитните места, а тие во зависност од рејтинзите, се од првото, најмногу до осмото или деветото. Секако доколку изходот од изборите се движи во рамките на очекуваното, бидејќи реално можни се драстични отстапувања, во случај кога една партија, или коалиција, би освоила над 60 или 70 % од мандатите. Но тоа според сегашните анкети и анализи, практично е невозможно.

Деновиве во двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се водат внатрепартиски „војни“ за да се стигне до добитно место на листата, кое би значело четири години советнички мандат со финансиски надомест од 15-16 илјаде денари, месечно. Критериумите според кои се составуваат листите се чини во овие услови не се за коментар, бидејќи главно се непринципиелни. Тоа го покажаа советниците кои поминаа низ Советот во последните два-три мандата. Некои тука го научија значењето на зборовите инфраструктура, урбанизам …, а некои не го ни научија. Како функцијата советник, која би требало да подразбира знаење, искуство, одважност и чувство за проблемите и потребите на граѓаните, да е сведена на формално одседнување во советничкото столче за скромните 250 евра, месечно, но 12.000 евра за четири години.

Некои помали партии кои најавуваа советнички листи, па дури и кандидатури за градоначалник, се соочија со проблемот да не можат да најдат заинтересирани да ги пополнат сите 19 места. Првенствено поради фактот што очекувањата се да освојат едно до две советнички места, а тоа значи дека сите преостанати се само колку да ги има на број.

Сподели: