Уште еден мандат не ја реши старата касарна

И ПОКРАЈ ТОА ШТО БЕШЕ НА ПОВИДОК РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО СТАРАТА КАСАРНА И ЖИТЕЛИТЕ ВО НЕА, СЕПАК ОВА ГОРЧЛИВО АПЧЕ ЌЕ ТРЕБА ДА ГО ПРОГОЛТА НЕКОЈ ДРУГ. ОКОЛУ КАСАРНАТА КОЈА Е ВО РАСПАЃАЊЕ, КУПИШТА СМЕТ, ИСКРШЕНО СТАКЛО, ИЗМЕТ И ШТО ЛИ УШТЕ НЕ. ФЕКАЛИИТЕ ОПАСНИ ПО ЗДРАВЈЕТО НА СТАНАРИТЕ, НО И НА ПОШИРОКАТА ОКОЛИНА.

Истекува уште еден мандат, на актуелниот градоначалник Николчо Илијев, а како и во претходните, остана нерешен проблемот со условите на жителите на старата касарна, како најголемо и најопасно жариште во центарот на градот. Од фотографиите може да се видат згрозувачки призори од смет, искршено стакло, расфрлани предмети и неподнослива реа. Состојбата е таква што речиси е невозможно да се сврти круг околу спомен домот АСНОМ.

Уште подраматично е во дворот околу касарната, каде од измет и ѓубришта нема каде да се нагази. И тука мини депонија од секаков смет. Полски нужници ја надополнуваат неверојатната глетка за времето во кое се случува. А од касарната кон првите куќи и улици се слеваат отпадни фекални води кои ја засмрдуваат околината.

Годинава иако се најавуваше и беше на повидок решавање на проблемот со изградба на дваесет типски куќички и уривање на касарната, сепак проблем околу локацијата, или нешто трето, го блокираше проектот. Како што сега стојат работите, проблемот ќе остане во наследство на новиот Совет на Општина Кочани, односно новата власт, која ќе треба да најде начин како да се справи со предизвиците.

Старата касарна – опасен загадувач

ПРОЕКТОТ ЌЕ ЧЕКА РЕШЕНИЈА ОД НОВАТА ВЛАСТ

Сподели: