Бошко Илиев преплива 4 км на „Градче“

ПО 103 ПЛИВАЧКИ МАРАТОНИ НА ЕЗЕРАТА ВО МАКЕДОНИЈА И ПОШИРОКО, МАРАТОНЕЦОТ БОШКО ИЛИЈЕВ ВО СВОЈАТА СЕРИЈА ГО ДОДАДЕ И ЕЗЕРОТО ГРАДЧЕ, НА КОЕ ВО ТРИ КРУГА ПРЕПЛИВА НАД 4 КМ. ЦЕЛТА МУ Е ДА ГО СВРТИ ВНИМАНИЕТО НА НАДЛЕЖНИТЕ ЗА ЕЗЕРСКИТЕ УБАВИНИ И ПОТЕНЦИЈАЛИ, КОИ НЕДОВОЛНО СЕ ИСКОРИСТЕНИ.

Три круга по крајбрежјето на вештачкото езеро „Градче“ исплива во денешниот маратон, докторот по спортска медицина Бошко Илиев од Кавадарци, по повод 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани. Притоа помина патека долга околу четири километри, постигнувајќи време од еден час и триесетина минути.

Маратонот го организираа Општина Кочани во соработка со Здружението „Кочански рибар“, кои ја обезбедија придружбата на маратонецот.

Пред влегување во водите на „Градче“ Илиев за Актуелности.мк изјави дека е импресиониран од живописноста на езерото и од чистата вода, поради што ќе ужива во пливањето.

Целта на маратонското пливање на Илиев по езерата во нашата држава е да ја промовира нивната убавина и да ги потсети надлежните со колкави потенцијали располагаат истите, од туристички, спортски, риболовен, рекреативен и поширок аспект.

Настанот на чиј старт присуствуваа само претставници на медиумите, започна во 12,30 ч. од кај Стариот мотел, а заврши околу 14:00 ч. кај Еуро Хотел „Градче“.

Сподели: