Градоначалникот со отчет за сработеното

На свечена седница на Советот на Општина Кочани, која се одржа на Споменикот на слободата, а по повод 7-ми септември, денот на ослободувањето на Кочани, градоначалникот Николчо Илијев се осврна на сработеното во изминатата година, но и во четирите години мандат, нагласувајќи ги патот кон Пониква, градинката чија изградба е во тек, асфалтирањето на улици во градот и селата, и други проекти.

По неговото излагање, беа доделени највисоките општински награди – за значајно остварување и за животно дело.

Наградата за животно дело му беше додоелена на Борис Стојчев, уметник, истражувач и собирач на народни умотворби од Кочанско, основач на Околискиот народен театар во Кочани.

Наградата за значајни остварувања за развојот на Кочани ја доби Благој Веселинов, актер во Македонскиот народен театар, а во негово име ја прими режисерот Илија Пиперковски.

По повод 77 години слободно Кочани и беше доделена плакета на министерката за образование и наука Мила Царовска, за поддршка во реализацијата на значајни проекти.

Плакети за особен придонес во борба со пожарите во Кочани им беше доделена на Територијалната противпожарна единица Кочани, на Ковид центарот за исклучителен придонес во борба против пандемијата, како и на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Награди добија и првенците на генерацијата од основните и средни училишта од Кочани.

Сподели: