„Слога 1934“ – 100%, за „Осогово“ само бод

Слога 1934 е вистински фудбалски хит на стартот од новата фудбалска сезона во втората лига Исток. Виничани играат маестрално, но пред се мудро и рационално, при што противниците ги изненадуваат тогаш кога најмалку очекуваат. Денеска Слога успеа да ги освои трите бода против силната Победа од Прилеп, во дербито на колото, со гол во последните моменти од средбата. Конечниот резултат 2:1 за голем триумф на виничани.

Во Кочани, Осогово одигра само 2:2 против фенерџијата на табелата Тим Локомотива, и прокоцка уште два бода, кои како да беа предвреме пресметани во салдото. Со вкупно 4 бода од четири натпревари кочанчани не можат да бидат задоволни, особено што играа, условно, против послаби екипи.

На другите натпревари Каменица саса славеше против Детонит со минимални 1:0, кои вредат три бода и одржување чекор во горниот дел на табелата. Беласица со судни маки победи во Гевгелија, против Кожуф, со 2:1, а Кит Го ја постигна највисоката победа од 4:0, и тоа на гости кај екипата на Братство.

На табелата прва е Слога 1934 со 12 бода, пред Беласица и Каменица Саса со по 10 бода. Осогово е на 7 место со 4 бода.

Сподели: