Сакале да попишуваат на манастирски собор

Дека во и околу пописот одвреме-навреме има чудни појави, зборува случајот во селото Небојани, и тоа токму на денот на верскиот празник Мала Богородица. Имено, по повод празникот Манастирот организира голем собор, на кој доаѓа населението кое живее во околните планински села и маали. Таквата ситуација сакале да ја искористат попишувачите за овој реон, па на денот на манастирската слава дошле и започнале да бараат од верниците да се попишуваат. Меѓутоа, брзо реагирале од црковниот одбор, дека ниту е време, ниту е место за таква активност, прво заради празничната атмосфера со музика и ора пред манастирот, а потоа и поради фактот дека луѓето со себе не носеле документи за идентификација. Меѓутоа најбитната причина била „загреаноста“ на добар дел од присутните, па во таква ситуација можни биле непредвидливи реакции.

По кратко убедување помеѓу попишувачите и домаќините, сепак првите се повлекле, а попишувањето ќе мора да го спроведат со посета на сите домаќинства, распрскани по ридовите на Осоговските Планини.

Сподели: