Откупувачите им кажаа „не“ на политичарите

Откупувачите, односно преработувачите, им кажаа не на политичарите од власта, на нивните барања да ги зголемат откупните цени на арпата и белиот ориз на 25 и 50 денари, пред стартот на овогодишната жетва, но и предизборно. Тоа значи дека паднаа во вода ветувањата дека на оризопроизводителите ќе им се удоволат барањата кои дојдоа директно од првиот човек на владата и министерот Хоџа. Сега под итно ќе мора да се бара друг начин за финансиски да им се помогне на земјоделските производители, оти изборите се ближат.

На средбата која деновиве се одржа во Кочани, а на која присуствуваше министерот Аријанит Хоџа, од откупувачите беа побарани мислења и предлози како тие можат да се вклучат во решавањето на ниските откупни цени на арпата, за што беше оставена можност и за евентуален нов договор.

-Ние сме подготвени да помогнеме во промовирањето нови, но и на постоечките пазари за пласман на оризот, но не реално производ што чини 18 денари да се субвенционира со десет денари за извоз. Затоа, размислете во наредните денови што може да се направи, дајте предлог, ние сакаме да им помогнеме и на двете страни.

Откупувачите и преработувачите истакнаа дека е потребна долгорочна стратегија за оризопроизводството, наместо да се интервенира парцијално и во одредени временски периоди, како што е сега пред жетвата на оризот. Според нив, иако сè уште нема пресметка за реалната цена на чинење на производството по килограм, кај нас таа е повисока во споредба со соседните земји.

Единствената отстапка би можело да се направи е во непресметувањето на влажноста на арпата, ако е до 20 отсто, иако и тоа ќе биде на штета на откупувачите. Откупната цена може да биде 17 денари за килограм арпа од поситните сорти, до 20 денари за Сан Андреа и другите поквалитетни сорти. Домашниот ориз не е конкурентен на странските пазари, бидејќи еден тон арпа се откупува за 300 евра и тоа со повисок квалитет. Сега останува да се разгледа можноста Владата предизборно да понуди други субвенции за земјоделците.

Сподели: