Мали искричења и сиромашна понуда

ПРЕОСТАНУВААТ УШТЕ СРЕДА, ЧЕТВРТОК И ПЕТОК, ЗА УЧЕСНИЦИТЕ ВО ИЗБОРНАТА ТРКА ДА ГИ ПОНУДАТ ЗАВРШНИТЕ ПОРАКИ И ВЕТУВАЊА ДО ГРАЃАНИТЕ, ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ КОИ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ В НЕДЕЛА, НА 17 ОКТОМВРИ. СО ПОВРЕМЕНИ МАЛИ ИСКРИЧЕЊА, ДО СЕГА СЕ ВОДЕШЕ РЕТКО МИРНА КАМПАЊА, ВО КОЈА КАНДИДАТИТЕ НУДЕА ПРОЕКТИ. ПРЕОСТАНУВА УШТЕ ПО НЕКОЈ ТЕЛЕВИЗИСКИ ДУЕЛ, ЗА ПОТОА ДА СЕ ЧЕКА ГЛАСАЊЕТО НА ГРАЃАНИТЕ И РЕЗУЛТАТИТЕ ОД НЕГО.

Уште три дена на располагање имаат учесниците во Локалните избори за градоначалници и за советници во општините. Помалку или повеќе сите финишираат во трката да се освојат што повеќе гласови кај граѓаните, кои на 17 октомври ќе одлучуваат кој на локално ниво ќе ги води во наредните четири години. Големите партии, односно двата коалициски блока ветуваат капитални и помали проекти, кои треба да го подобрат животот на граѓаните. Помалите пак, како коалицијата ЛДП – ДОМ, и Левица, свесни дека се далеку од освојување на власта, и зависно од тоа дали и колку советници ќе освојат, најавуваат дека ќе бидат коректор на мнозинството.

Со мали искричења, до сега кампањата се одвива главно во рамките на коректното, при што доминира позитивниот пристап и занимавањето со сопствените програми. Тие пак, не се разликуваат многу една од друга, бидејќи јасни се потребите и очекувањата на граѓаните во сите сфери. Во целата таа пропаганда тешко можат да се препознаат некои значајни исчекори во искористување на расположивите потенцијали, особено во делот на природните ресурси, како термалната вода, оризот, енергијата на водата, сонцето и ветерот. Иако во нив се кријат големи финансиски ефекти, работни места и севкупен развој, кој би променил многу нешта во иднината на општината и регионот.

До 15 октомври, петок, на полноќ настапува предизборниот молк, а дотогаш на учесниците во кампањата и во изборите им преостанува да ги испорачаат завршните пораки, да се појават на по некој телевизиски дуел, да извадат уште по некој адут, за потоа да го чекаат 17 октомври, да видат и дознаат што процениле и одлучиле граѓаните.

Сподели: