Четири од четири за ВМРО-ДПМНЕ

СО РАЗЛИКА ОД 16 ГЛАСА, ПОМАЛКУ ОД КОЛКУ ШТО ЕДЕН ЧОВЕК ИМА ПРСТИ НА РАЦЕТЕ И НОЗЕТЕ, ПРИ ИЗЛЕЗНОСТ ОД ОКОЛУ 17.500 ГЛАСАЧИ, ЉУПЧО ПАПАЗОВ ГО ПОБЕДИ НИКОЛЧО ИЛИЈЕВ И ЈА ОСВОИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ФУНКЦИЈА ВО ОПШТИНА КОЧАНИ ВО НАРЕДНИОТ ЧЕТИРИГОДИШЕН МАНДАТ. ВО ЧЕШИНОВО-ОБЛЕШЕВО СИГУРНА ПОБЕДА НА ДАЛИБОР АНГЕЛОВ ПРОТИВ ГОРАНЧО КРСТЕВ, ЗА ЦЕЛОСНА ДОМИНАЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ ВО РЕГИОНОТ.

Во драматично пребројување на гласовите во двата табора, Љупчо Папазов и ВМРО ДПМНЕ ноќеска остварија сензационална победа против актуелниот градоначалник Николчо Илијев, поддржан од владејачката СДСМ. Папазов освои 8.697 гласа, наспроти Илијев со 8.681 глас. На овие бројки разликата од само 16 гласа е толку мала што на многумина сеуште не им се верува дека е победничка. Но еуфоричните ќе речат, мала разлика за огромна победа. А малку недостасуваше Кочани повторно да се издвои од бранот на промени во државата и да остане единствена општина во сдсмовски бои, поради бастионското во првите речиси две децении на плурализмот.

Комплетната изборна доминација во микрорегионот на Кочанската Котлина ја потврдија граѓаните на Општина Чешиново-Облешево, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Ангелов оствари голема победа над актуелниот градоначалник на СДСМ, Горанчо Крстев, изразена со 337 гласа разлика. Ангелов освои 2030 гласа, а Крстев 1693.

Претходно, во првиот круг, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Миле Петков и Борче Ангелов убедливо победија во Виница и во Зрновци.

Сподели: