Приговори за нова изборна војна ?

Таман граѓаните помислија дека изборите, како во целата држава, така и во Кочани, завршија вечерта на 31 октомври, два дена подоцна  нивната воља, или на актерите, повторно е оспорена, бидејќи денеска се поднесени три приговори до ДИК, чиј именител е повторување на гласањето во три избирачки места. Мотивацијата и математиката се јасни, разликата од само 16 гласа отвора можност дека границата од победата до поразот е тенка и лесно променлива. Дури и ако се повтори гласањето на само едно избирачко место.

Дали има недемократско во целата постапка. Ако партиските набљудувачи ги потпишале записниците и не пријавиле забелешки на процесот на гласањето, а ги потпишале, тогаш тоа „пу, не важи“ на вториот ден по изборите само по себе нема опиплива специфична тежина. Затоа што суштинските грешки и сериозните повреди на гласањето се евидентираат во моментот кога се случиле и се реагира кај надлежните институции.

Од друга страна, доколку се актуелизираат некои драматични искуства на изборни пресметки во Кочани, ќе се види дека од тој аспект овој град е своевидно трустно подрачје. Повозрасните паметат дека се започна во изборната трка помеѓу Љупчо Беличев и Арсо Божиновски,во  „четиринаесетката“, кога на политичката сцена беа промовирани тогаш популарните рекетари. Зошто популарни? Затоа што кога децата во тоа време ги прашуваа што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш, одговараа – рекетар.

Подоцна на изборите во Кочани на поедини избирачки места беа регистрирани најдолгите колони од гласачи во популарните Бугарски возови, кои и овозможија на една партија да го претвори градот во бастион. Или работењето на поедини фирми на денот на гласањето и транспортирањето на вработените со пикапи и коли до избирачкото место и назад, со доказ дека го заокружиле кажаниот број.

Можеби најкарактеристичен беше случајот во 2005 година, кога група бизнисмени го „нападнаа“ бастионот,  но по победата во првиот круг, беа декласирани во вториот. Џабе беа подоцна многубројните приговори и повеќедневните протестни маршеви.

Што ако ДИК прифати барем еден приговор и има повторување на гласањето? Без разлика дали ќе е на Скопска, во Подлог или Тркање. Народски речено, човек да не е во кожата на тамошните граѓани. Можеби би им било најпаметно тие недела-две да отидат некаде на гости, додека не заврши обработката и гласањето. Како и да е, ќе биде тоа голема војна со многу војска, на мал простор и со малку гласачи. Но, ајде, живи били, па видели…

Сподели: