Виничкиот второлигаш во шампионска форма

НИТУ НАЈГОЛЕМИТЕ ФУДБАЛСКИ ОПТИМИСТИ ВО ВИНИЦА НЕ НИ СОНУВАА ДЕКА НИВНИОТ МИЛЕНИК ЕСЕНВА ЌЕ ГАЗИ СЕ ПРЕД СЕБЕ И ПО 10 КОЛА ЌЕ БИДЕ ЛИДЕР НА ТАБЕЛАТА СО ДВА БОДА ПРЕДНОСТ ПРЕД КОНКУРЕНТИТЕ. ПОКРАЈ ТИМОТ И ТАКТИЧКИТЕ ИТРИНИ НА ТРЕНЕРИТЕ, ДЕЈАН МИТРОВ ГАТУЗО СИГУРНО Е ПОЕДИНЕЦОТ ШТО ЈА ПРАВИ РАЗЛИКАТА И ГО ВИВНА КЛУБОТ ВО ВТОРОЛИГАШКАТА ЕЛИТА НА ИСТОКОТ

Со освоени 25, од можни 30 бода во првите 10 кола, и водство од два бода на Второлигашката табела, Слога 1934 од Виница е хит на првенството, кој практично ги изненади и најдобрите познавачи на фудбалот. Резултатите се над сите очекувања, особено ако се знае дека виничани летоска се разделија со неколку квалитетни фудбалери од страна, главно поради неможност да се платат нивните побарувања, кои беа заменети со „поефтини“.

Новинарско видување е дека тоа што ја прави Слога поуспешна од другите е што во своите редови покрај другите фудбалери кои ги исполнуваат поставените задачи од тренерот, го имаат феноменот Иван Митров Гатузо, кој им пркоси и на годините и на налетот на млади фудбалери кои надоаѓаат. Тој е предодреден за фудбалската игра и искален на сите можни начини, па на теренот дава и ефектурира колку за тројца и ја прави разликата помеѓу противниците.

Навивачите на Слога сега се со зголемени амбиции, а некои веќе сонуваат и прволигашка конкуренција, бидејќи освен прилепска Победа нема друга екипа која може посериозно да им конкурира. Сепак првенството е долго а и прволигашкиот буџет е неостварлив потфат за градче како Виница, па останува барем во градот на теракотните икони да се игра квалитетен фудбал, за кога ќе завршат мерките од Ковид пандемијата, публиката во максимален број да се врати на трибините. Штета е што веќе во наредното коло кога во Кочани се игра дербито помеѓу Осогово и Слога 1934, навивачите на двата табора нема да можат да ја направат препознатливата фудбалска атмосфера.

Сподели: