Свеќароска против (финансирање на) медиумите

Личниот став на советничката Жаклина Свеќароска Филипова, како претставник на бескомпромисната Левица, за не„финансирање“ на медиумите, заслужува соодветно внимание. Особено ако поради неколкугодишната политичка пасивност подзаборавила дека со десетина, дваесет или триесет илјади денари по медиум, месечно, не се обезбедува финансирање, туку само скромен надомест за сработеното, кое реално има повеќекратно поголема вредност. Или, ако се сети дека нема потреба да си ја сече гранката на која седи, заборавајќи оти медиумите сигурно придонеле да се доближи до граѓаните преку нејзините активности и настапи, некогаш како советничка од ДОМ, сега од Левица, а утре можеби од некоја трета партија.

Како ќе дискутира советничката, е нејзино право и нејзина одговорност, пред се пред граѓаните. И тоа нема да биде ниту најважно, ниту пресудно, доколку медиумите покажат организирана форма на дејствување, и понудат легитимни барања пред Советот, во кој партиципираат уште 18 советници. Како таа ќе се чувствува ако остане сама со својот став, тоа веќе е нејзин проблем. Дотолку повеќе што и снимателите не се наивни, па може да се случи да заборават да ги вклучат камерите и микрофоните кога таа ќе соопштува лични ставови кои не кореспондираат со интересите на граѓаните … Особено ако им текне дека нивната плата кореспондира само со нејзиниот месечен советнички паушал од 16-тина илјади денари, кој е мал додаток на професорската плата од 30-тина илјади денари, и плус по „советнички заслуги“ вработен член на семејството, не било каде, туку во Општината.

Сподели: