„Осогово“ поразено во добра игра

Осогово ја одигра генералката пред стартот на првенството на 19 февруари, во Кратово, против одличната екипа на Силекс. Резултатски жолто сините не поминаа добро, бидејќи загубија со 3:0, но шефот на стручниот штаб Александар Андов во телефонски разговор, непосредно по натпреварот, изјави дека е задоволен од прикажаното од неговите избраници, бидејќи имале одлични периоди на комбинатрорна и допадлива игра.

Во деновите до првиот овогодишен првенствен натпревар, кој се игра во сабота, во 14 часот, ќе се работи на подобрување на ефикасноста, односно на подобра реализација, бидејќи фудбалерите создаваат шанси, но како да немаат доволно концентрација и присебност гога треба да се погоди противничкиот гол.

За дуелот против Беласица, на осоговци не им е потребна посебна мотивација, бидејќи сите го знаат значењето на првиот првенствен натпревар и освојувањето на трите бода. Посебно што струмичани му лежат на кочанскиот второлигаш. Од друга страна од таборот на Беласица стигнуваат информации дека екипата солидно е засилена и не се откажува од борбата за првите две позиции. Тоа значи дека се очекува интересен и до крај неизвесен натпревар, кој може да биде вистинско уживање за публиката.

Сподели: