Баскет Дино на чекор до полуфиналето

Пред преполна сала, домашната екипа на Баскет Дино Деликатес и покажа на екипата на Дибра Иглс од Дебар дека сепак станува збор за разлика во класа, и дека малку што има да бара во овој четвртфинален дуел од кошаркарската трета лига мажи. Домашната публика имаше шанса да ужива во прецизните милиметарски асистенции преку цел терен на Филипов во стилот на срспкиот ас Теодосиќ, и во прецизните шутеви за три поени на Дино Лазарев, кој уште еднаш покажа и докажа дека тројките му се трејдмарк кој го има наследено од неговиот татко, кочанската легенда Сашко Лазарев.

Крајниот резултат на натпреварот 109:73 во целост ги отсликува силите на 2те екипи. Освен во првата четвртина која заврши со резултат 23:18, во која гостинската екипа беше рамноправен противник, во наредните три четвртини (26:16, 34:20, 26:19) дојде до израз квалитетот и тимскиот дух, кои ги предводеа кочанчани до битна победа во плејофот.

Атмосферата, преполните трибини и коректното навивање во спортската сала во Кочани целосно не навратија на едно време во кое главен акцент во нашиот град секој викенд имаше токму кошарката и кошаркарските потези во кои искрено уживаа кочанчани.

Ни претстои реваншот во Дебар и евентуална мајсторка која повторно би се одиграла во Кочани, бидејќи се игра на два добиени натпревари, а наредна пречка во плејофот доколку ја поминат екипата на Дибра Иглс, за нашата екипа би биле екипата на Спорт Тим од Неготино или екипата на Работнички од Скопје. Двете екипи – учеснички во големото финале имаат загарантирано место во повисок ранг наредната натпреварувачка сезона, односно истите ќе бидат дел од втората наша кошаркарска лига.

Сподели: