ПРЕКИН НА НАВОДНУВАЊЕТО ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА МАГИСТРАЛНИОТ КАНАЛ

ДЕФЕКТОТ НА ДЕСНИОТ МАГИСТРАЛЕН КАНАЛ ОД ВЧЕРА ПРЕДИЗВИКА ЗАСТОЈ ВО НАВОДНУВАЊЕТО НО ИСТОВРЕМЕНО ПРЕДИЗВИКА ПОПЛАВУВАЊЕ И ШТЕТИ КАЈ ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ ПОСЕВИ. ОД ВОДОСТОПАНСТВО УВЕРУВААТ ДЕКА ДЕФЕКТОТ ЌЕ БИДЕ ОТСТРАНЕТ, А ЗА ОШТЕТЕНИТЕ ПОВРШИНИ ЌЕ СЕ ФОРМИРА КОМИСИЈА ЗА ПРОЦЕНКА. ДОТРАЕНОСТА НА СИСТЕМОТ НАЛАГА НЕГОВА САНАЦИЈА И РЕВИТАЛИЗАЦИЈА, БИДЕЈЌИ АКО ПУКНЕ ЅИД ОД КАНАЛОТ, ЌЕ ОТИДЕ ВО НЕВРАТ ЦЕЛА ПРОИЗВОДСТВЕНА РЕКОЛТА

Поради дефект на испусна опрема, затварач, на десниот магистрален канал кај населбата Оризари, до кој дошло вчера околу 14 часот, целосно е запрена дистрибуцијата на вода преку десниот магистрален канал, до одстранување на дефектот. Се работи за таканаречени испусни метални врати кои попуштаат поради дотраеност. Екипи на Водостопанство Брегалница се на терен, каде работат на одстранување на дефектот, по што главниот канал за наводнување, кој се протега до подсистемот во светиниколско, ќе биде пуштен во функција.

Слободното истекување на водата од каналот поплави големи површини посеани со таканаречени крски култури, при што земјоделците се жалат на штети врз родот и приносите.

Од Водостопанство Брегалница најавуваат формирање комисии за проценка на штетите

Ваков дефект се случи и минатата година, во текот на наводнителната сезона, поради што имаше прекин во наводнувањето преку десниот магистрален канал, што е потврда за дотраеноста на каналската мрежа и потребата од санирање на критичните места. Познавачите на состојбите со водостопанските објекти велат дека рехабилитацијата на ХМС Брегалница се наметнува како неопходност, бидејќи не смее ни да се помисли какви последици може да предизвика евентуално пукање на ѕидовите на магистралниот канал, и каква катастрофа тоа би било за земјоделието во источниот дел на државата.

Сподели: