Краткотрајно невреме со сериозни штети

Невремето проследено со силен дожд и ветер, а повремено и град, предизвика сериозни проблеми во градот и околината. Според првични информации од градоначалникот Љупчо Папазов, кој вечерва е на терен, на критичните места, најдраматично било во двор на семејна куќа, каде поради испреплетеност на жиците за електрична енергија и дрвја, се запалиле неколку борчиња, со опасност да се запали и куќата. Со брза интервенција на противпожарната служба, ширењето на огнената стихија е спречено.

Граѓаните јавуваат и за паднати електрични столбови и дрвја. Обилниот дожд предизвика поплавување на одредени делови од градот. Граѓаните јавуваат дека било драматично во населбата околу градскиот стадион, а водата навлегла и во објектите на ресторанот „Але Дар“.

По градските улици има помали наноси од песок и смет, кој го отежнува сообраќајот. Веројатно има запушување на поедини шахти, па водата од некои од нив буквално извира и се враќа по улиците.

Целата ситуација ја комплицира тоа што продолжува да врне и да создава мали потоци по улиците, што го отежнува одстранувањето на наносите и на разноразни предмети кои водата ги донела.

Сподели: