Оризот на стратешката листа

Протестите и преговорите со Владата, односно ресорното министерство, не ги исполнија очекувањата на земјоделците оризопроизводители, бидејќи се се сведе на добиена производна цена и на ветување дека оризот ќе добие статус на стратешка култура.

Имено, стручњаци од Институтот за ориз од Кочани утврдиле дека реалните трошоци вкалкулирани во производството на килограм арпа изнесуваат 27 денари. Во нив се вклучени давачките за подготовка на земјоделската површина и за сеидба, за набавка на ѓубрива, заштитни препарати, воден надоместок, како и за жетва и транспорт на произведените количини.

Трошковникот за производство е утврден по барање на Министерството за земјоделство, откако по минатонеделната средба на заменик министерот Трајан Димковски со оризопроизводителите и со откупувачите беше договорено производната цена да биде основа за утврдување на откупните цени.

– Ние сме задоволни од производната цена што ја утврдил Институтот и сметаме дека таа е реална. Сепак, откупната цена треба да биде уште за 30 отсто повисока, со што ќе можеме да оствариме приход за репродукција, за да преживееме. Тоа значи дека не треба ни да се размислува за откупна цена под 30 денари за килограм арпа, а заедно со субвенциите да се стигне до прифатлив износ. Протестите и блокадите ги ставаме во мирување затоа што очекуваме дека ќе се најде заедничко решение и откупот ќе почне навреме, односно во почетокот на октомври, вели Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за заштита на оризопроизводството.

На средбата со министерот Љупчо Николовски, што земјоделците ја имале вчера попладне, договорено е на почетокот на идната недела стручниот тим од ресорното министерство да се сретне и со претставниците на откупно-преработувачките претпријатија за да се постигне конечен договор околу откупните цени на арпата.

Можеби најважната информација што ја добија оризопроизводителите е дека за оризот веќе е почната постапката да стане стратешка култура, со цел државата да може да откупува одредени количини за потребите на стоковите резерви.

Сподели: