50-годишниот јубилеј на ЗП „Кочани“ – масовно удостоен од здруженија, институции и поединци

Здружението на пензионери на Општина Кочани синоќа одбележа 50 години од своето постоење и успешна работа. Во присуство на претседателката на СЗП на Македонија, Станка Трајкова, поранешни и актуелни градоначалници, на голем број претставници на здруженија од општини во државата и од Србија, како и на активни членови на Здружението, најпрво се обрати претседателот на ЗП „Кочани“, Ѓорѓи Серафимов, кој се заблагодари на одзивот на сите поканети што ја удостоиле прославата и што го увеличиле овој значаен настан за пензионерите од Општина Кочани.

Претседателката на СЗПМ Станка Трајкова истакна дека е горда што во државата има такви здруженија кои со својата активност и организираност се пример за многу други, и што континуитетот го заокружуваат со вакви значајни јубилеи.

Обраќање на претседателката на СЗПМ Станка Трајкова

Потоа зборуваше и градоначалникот Љупчо Папазов, кој истакна дека општината во континуитет му дава целосна поддршка на Здружението на пензионери, остварувајќи притоа значајни резултати во работењето во корист на сите пензионери. Притоа, тој им посака добро здравје и многу успешни активности кои ќе го подобрат животот на луѓето од третото доба, во сите сегменти кои и засегаат.

На присутните им се обрати и гостинот од збратименото Здружение на пензионери од Лесковац, Република Србија, Братислав Здравковиќ, кој потенцираше дека токму пензионерите се еден од мостовите на соработка помеѓу двете држави и двата народа и посака тоа да се продлабочува и да продолжи и во иднина.

Кочанското здружение во оваа прилика им додели триесетина благодарници за долгогодишна успешна соработка на триесетина заслужни, меѓу кои на претседателката на СЗПМ Станка Трајчева, на двајцата претходни градоначалници, Ратко Димитровски и Николчо Илијев, и на актуелниот градоначалник Љупчо Папазов, на претседатели на здруженија од повеќе општини во државата, за локални институции и на активни членови кои се дел од успешната работа на ЗП „Кочани“. Во сферата на новинарството, Здржението на пензионери на Општина Кочани и додели Благодарница на ТРД „Телевизија Кочани ЛД“, која перманентно е во функција на информирањето како за работата и активностите на Здружението, така и за вести и информации од интерес на сите негови членови.

Сподели: