Министерот Хоџа меѓу оризопроизводителите

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа вчера престојувал во Кочани, каде остварил средба со градоначалникот Николчо Илијев, а заедно се сретнале со земјоделци и го посетиле Институтот за ориз и една оризопреработувачка фирма.

Во штурата и површна информација што ја пренесува порталот Бриф, стои дека двајцата соговорници разговарале за зајакнување на посветеноста на двете институции во правец на зголемување на производството на оризот, како култура која го обележува овој регион. Министерот Хоџа изразил подготвеност за заедничко делување на институциите, оризопроизводителите и откупувачите во заеднички интерес.

При посетата на Институтот за ориз и на средбата со оризопроизводители, откупувачи и водостопанственици, се дискутирало за актуелните состојби, проблемите и излезните решенија, и тоа не само за овогодишната реколта, туку системски да се решаваат актуелните проблеми.

При посетата на Компанијата Даниво, во Горни Подлог, домаќините го информирале министерот за преработувачките капацитети, за откупот и пласманот на оризот.

Останува нејасно, дали е разговарано и што е договорено околу актуелните откупни цени на арпата, која како што велат земјоделците, паднала на 16-17 денари за килограм и белиот ориз на околу 40 денари за килограм од ситните сорти, потоа околу субвенциите и евентуални други конкретни мотивациски мерки за зголемување и осовременување на оризопроизводството. Дотолку повеќе што во регионот се одвива засилен процес на продажба на оризните ниви по најниска цена во последните четири-пет децении, а најмалку 20 % од земјоделското земјиште секоја година останува необработено.

Сподели: