Зошто Бугарија ја сопнува Македонија? (Можеби не е до јазикот …, можеби е до парите …)

Дали идентитетот, јазикот и историјата се непроѕирната завеса зад која се кријат вистинските интереси на Бугарските политичари, и на Бугарија во целост? Ова прашање, колку и да е чудно, има своја логика, и тоа од повеќе причини.

Еве неколку аргументи. Официјалните бугарски служби објавија дека за 10 години, двојно, односно Бугарско државјанство добиле околу 60.000 Македонци. Кога кон нив ќе се додадат и тие што пред последната декада, од немај каде, се стекнале со Бугарскиот ЕУ пасош и лична карта, тогаш, бројката станува многу, многу посериозна. И кога на државјанството и пасошот ќе им се додадат разните „докази“ за бугарско потекло на апликантите, станува јасна една перфидна игра на земјата која затоа што попрво е членка на ЕУ, е доведена во привилегирана и доминантна позиција во однос на Македонија, која обилно и бескрупулозно ја злоупотребува во интерес на сопствените интереси.

Круцијалното прашање во целиот спор е, што се крие зад неевропското однесување на источниот сосед, односно дали со името, идентитетот и историјата на европејците им се фрла песок в очи, за да не ја видат суштината на проблемот. Можат ли економистите да пресметаат каков и колкав финансиски бенефит остварува Бугарија од десетиците илјади двојни државјанства и од другите „споредни“ привилегии што одат со нив? Уште повеќе, знаат ли финансиските експерти во нашата држава што би им донело и што им значи на Бугарите евентуално пролонгирање за уште 10 години на зачленувањето на Македонија во ЕУ. Уште колку двојни државјанства на економски загрозените Македонци ќе се издадат, под можеби уште построги и исполитизарни околности, од идентитетски аспект. Уште колку евра ќе завршат во буџетот на Бугарија, кај бугарските адвокати, нотари, агенции, фондови, па и бизнисмени за половни возила. Бидејќи бугарските пасоши изискуваат почесто одење таму, поради продолжување на патните и лични исправи, регистрации и други документи за возилата со Бугарски регистарски таблички и слично.

Ако немаат друг излез, граѓаните нема да се двоумат да потпишаат се, не само во Бугарија, само да фатат џенем од нашата исполитизирана држава. Србија да е членка на ЕУ и да дава двојни државјанства со се пасош, сигурно интересот на граѓаните би се усмерил и кон северниот сосед. И Албанија да нуди Европски пасош, и кон неа би се свртеле граѓаните, докажувајќи Албанско потекло, само и само да се дојде до отворена врата кон Германија, Италија, Швајцарија …

Ете затоа Бугарија има дебела причина да поставува нови и нови препреки на патот на Македонија кон ЕУ, кои би траеле со години …, а за тоа време двојните државјанства ќе и се множат, а со нив и профитите. Што финансиски, што национални …

Сподели: