За „Осогово“ кобни првите четири минути

Почетните четири минути беа пресудни за конечниот исход на натпреварот помеѓу „Осогово“ и „Беласица“, бидејќи додека фудбалерите сеуште не беа загреани, гостите за стотина секунди постигнаа два гола и го насочија текот на играта во своја корист. Залудни беа подоцна мошне добрите дваесетина минути апсолутна доминација на домаќините, кои создадоа две стопроценти шанси за гол, но немаа среќа и не се снајдоа најдобро, дури и кога беа на два-три метри пред противничката мрежа.

Притискаа осоговци и во второто полувреме, меѓутоа струмичани успешно се бранеа, за пред крајот да искористат една полуконтра и да ги постават конечните 3:0.

А се беше како што може да се посака на отворањето на пролетната полусезона. Времето идеално за игра, теренот исто така, а на трибините солидна посетеност, која создаде убава фудбалска атмосфера. Сепак двата гола во првите четири минути како да им ги пресекоа нозете на домашните фудбалери, кои долго се опоравуваа од почетниот шок, за да потоа прикажат борбена и на моменти допадлива игра.

Во наредното коло Осогово му гостува на Пехчево, екипа која претрпе тесен пораз од Слога во Виница, со 2:1.

Сподели: