Црни предвидувања на одговорните !?

АКО СЕ ИСПОЛНАТ ЦРНИТЕ ПРОГНОЗИ НА ОДГОВОРНИТЕ, КОМУНАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ПО 1-ВИ ЈУНИ ЌЕ СЕ ДОВЕДАТ ВО БЕЗИЗЛЕЗНА СИТУАЦИЈА ПРЕДИЗВИКАНА ОД СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА., КОИ СЕ НАЈАВУВА ДЕКА ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМАТ ЗА ПЕТ ПАТИ. ВРАБОТЕНИТЕ СТРАВУВААТ ЗА СВОЈАТА ЕГЗИСТЕНЦИЈА, А ГРАЃАНИТЕ ДЕКА ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ КОМУНАЛНИ УСЛУГИ. ЌЕ ИЗБИЈАТ ЛИ ВО ПРВ ПЛАН ИНТЕРЕСИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ НАСПРОТИ АКТУЕЛНИТЕ НЕДОРАЗБИРАЊА ПОМЕЃУ ЦЕНТРАЛНАТА И ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ

До први јуни преживување, потоа можен целосен колапс на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“, поради енормното зголемување на цената на струјата, најавува директорот Иван Иванов. Тој е убеден дека и за вакви ситуации има решенија, меѓутоа сега на потег е централната власт која треба да ги поддржи општините и јавните претпријатија, за да можат да ја пребродат кризата. Мерките кои можат да дадат резултат се делумно субвенционирање на цената на струјата на јавните претпријатија од страна на државата. Понатаму, отворање соодветна кредитна линија која ќе можат да ја користат претпријатијата за да инвестираат во фотоволтаични централи за производство на алтернативна енергија.

Засега проблем е лошата комуникација на релација Влада-општини, што доведува до статус кво ситуација, во услови кога времето не им е сојузник ни на едните ни на другите. Новите договори со четири-пет пати поскапа цена на електричната енергија ќе треба да се потпишаат наскоро, а пари за плаќање на месечните сметки нема. Практично, зголемувањето на цената ќе доведе до ситуација приходите на претпријатието да бидат значително пониски од расходите само по основ на струја. Во таков случај средства за други тековни трошоци и плати на вработените ќе нема. Дали тоа е закана за затворање и згаснување на коминалното претпријатие, останува да покаже времето, иако простор за какви и да е ефективни маневри, речиси и да нема.

Со слични или посериозни проблеми се соочуваат и претпријатијата во соседните општини. Во Општина Чешиново-Облешево неодамна сметките за вода и смет се зголемени двојно, но и тоа не овозможува ликвидно работење на комуналното претпријатие. Не е во подобра позиција ниту комуналното во Виница, каде беспарицата е хроничен проблем, а претријатието пред промената на локалната власт се прослави со плати на вработените од по стотина денари.

Сподели: