Падна договор: Откупната цена на ситната арпа 35, а на крупната 40 денари за килограм

Земјоделците од производствениот регион и сопствениците на откупно-преработувачките капацитети, во присуство на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, денеска постигнаа договор за откупните цени на арпата и белиот ориз од овогодишната реколта, чија жетва заврши деновиве. Договорено е килограм арпа од турските, поситни сорти, да се откупува по 35 денари, а од италијанските, поедри сорти, по 40 денари. Притоа на цената ќе влијае и процентот на рандаманот.

Втората значајна мерка која е договорена е заклучно со 31 декември да се откупат 3 илјади тони оризова арпа а на почетокот на 2025 година државен да откупи соодветни количини за стоковите резерви.

– На втората средба помеѓу оризопроизводителите и откупувачите на ориз е договорено да се откупат 3 илјади тони ориз до 31 декември. Цената е договорена и ќе се утврдува согласно рандманот што ќе го има оризот. Секој земјоделец кој се сомнева со утврдувањето на рандманот и влагата од страна на откупувачот ќе може бесплатно да го провери во Институтот за ориз во Кочани. Државниот инспекторат за земјоделство е задолжен да го следи целиот процес на откупот, изјави за Актуелности.мк министерот Цветан Трипуновски.

Со цел да се влијае на откупната и пазарната цена на оризот, Трипуновски најави дека на почетокот на следната година, државата ќе откупи соодветни количини за потребите на стоковите резерви. Освен тоа, во иднина ќе се прави сериозна стратегија во делот на семенскиот материјал, препаратите како и обезбедувањето доволни количини на вода за квалитетно наводнување. Сето тоа ќе има цел да се создадат услови за предвидливост на секторот, односно секој земјоделец да знае какви услови се нудат и како да го планира своето производство.

Сподели: