Сте влегле ли во зградата на АТОМ ?

Кочанчани знаат дека најубавиот деловен објект во градот, па и на крајниот исток е Управаната зграда на некогашниот гигант Атом, фирма која се раситни и распродаде, главно за бадијала. Поедини капацитети од компанијата која броеше околу 1.800 вработени, и која беше една од жртвите на приватизацијата, практично никогаш не профункционираа.

Меѓутоа, сведокот на најдобрите години на Атом, управната зграда, која сигурно е еден од најубавите деловни објекти на Истокот, истовремено е сведок и на пословичната негрижа кон капиталните инвестиции кои ги изградиле работниците. Одговорните во градот понекогаш се фалат со донација од неколку илјади евра, а ништо не прават да спасат модерна зграда која вреди милиони евра. Проблемот секако дека е сложен, поради расцепканоста на просторот на повеќе сопственици, меѓутоа, како што вели народот, на мака се познаваат јунаците. Бидејќи, сигурно не е невозможно да се соберат сопствениците по разни должнички основи, да им се понуди нешто како компензација и потоа да се бара конечно решение за судбината на илјадниците квадрати атрактивен простор. Зошто вака, вредноста се повеќе губи, а со тек на времето, може и да создаде сериозни трошоци за нејзино уривање и одстранување.

Сподели: