Кој ќе биде шампион, а кој испаѓа?

Со одигрување на последното коло в сабота, второлигашите на истокот ќе го завршат тековното првенство, кое во изминатите 27 кола донесе квалитетен фудбал и драматична неизвесност. Последното коло треба да даде одговор на најбитните прашања, кој ќе биде новиот шампион, и која екипа, покрај Братство и Тим Локомотива, ќе испадне во понизок ранг, односно третата лига.

Прилепска Победа е во најдобра позиција да си обезбеди пласман во Првата лига, а Беласица со очекувана победа против Кожуф, да биде втора и да игра бараж. Надеж дека може да биде втора има и Слога 1934, со победа против прилепчани и пораз, или реми на Беласица.

Осогово само чудо може да го спаси од испаѓање, а тоа значи жолто-сините да победат во Житоше, што не е невозможно, но Детонит да загуби на свој терен од Каменица Саса, што е возможно, но тешко за верување.

Еве ги двојките за ова коло: Во Пехчево, ФК ПЕХЧЕВО – ФК ТИМ ЛОКОМОТИВА 2018, во Житоше ФК БРАТСТВО 07 – ГФК ОСОГОВО, во Радовиш ФК ДЕТОНИТ ЈУНИОР – ФК КАМЕНИЦА САСА, во Гевгелија ФК КОЖУФ – ФК БЕЛАСИЦА, и во ВиницаФК СЛОГА 1934 – ФК ПОБЕДА. Натпреварите започнуваат во 17 часот.

Сподели: