Движењето во шуми-забрането, печуркарите затекнати
ТОКМУ ВО ЕКОТ НА СОБИРАЊЕ ПЕЧУРКИ ДОЈДЕ ЗАБРАНАТА ЗА ДВИЖЕЊЕ ВО ШУМИТЕ, СО КОЈА НАЦИОНАЛНИ ШУМИ САКА ДА ГО ЗАШТИТИ ШУМСКИОТ ФОНД ОД ПОЖАРИ, НО И ОД ДРВОКРАДЦИТЕ. КАЗНИТЕ ЗА НЕПОСЛУШНИТЕ ОД 1500 ДО 2000 ЕВРА.
Од денеска важи делумната забрана за движење во шумите и шумското земјиште од 6 до 20 часот, соопштуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а по барање на ЈП „Национални шуми” – Скопје. Забраната се воведува поради зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор, и ќе трае се до проценката дека е намален ризикот од појавана шумски пожари, односно до нејзиното отповикување.
Од таму посочуваат дела оваа делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми”, субјектите што вршат шумскостопански активности, сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти, стручните служби на концесионерите на дивечот во ловиштата и лица коишто имаат писмено одобрение за движење во шумите.
За непочитување на оваа забрана на физичките лица кои ќе бидат затекнати дека се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1500 до 2000 евра во денарска противвредност.
Ова ограничување ги загрижи собирачите на шумски плодови, особено печурки, кои како резултат на врнежливото време се појавуваат се повеќе. Печуркарите стравуваат дека ќе останат без планираната заработка, која кај поединци значи приход за цела година, бидејќи најупорните знаат да заработат и до 3000 евра по сезона.