Зеленчукот полуде, ќе се купува како за лек?

ДАЛИ ЕНОРМНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ НА ОРАНЖЕРИСКИОТ ЗЕЛЕНЧУК СЕ НАЈАВА ДЕКА ДОАЃА ВРЕМЕ КОГА ПРЕХРАНУВАЊЕТО ЌЕ БИДЕ ОСНОВЕН ПРОБЛЕМ НА ГРАЃАНИТЕ. КОЛКУ ЌЕ ЈА ЧИНИ ДРЖАВАТА ЗАМИНУВАЊЕТО НА МЛАДИТЕ, КОИ ГИ НАПУШТИЈА НИВИТЕ, ШТО КАКО ПОСЛЕДИЦА ГО НАМАЛИ ПРОИЗВОДСТВОТО НА ХРАНА. ЌЕ ГИ ИСКОРИСТИ ЛИ КОЧАНИ ТЕРМАЛНИТЕ ВОДИ И ИДЕАЛНАТА МЕСТОПОЛОЖБА?

Не се за чудење астрономските цени на краставиците и пиперките од 4 до пет евра за килограм, или ако звучи пошокантно од 250 до 280 денари за килограм. Ни тоа дека не се од увоз, туку произведени во домашни оранжерии. За чудење е како државата се доведе во ситуација да го уништи производството на храна, па сега најголем дел од граѓаните бабурите, марулите, краставиците и пиперките можат да ги гледаат само преку излог и да си замислуваат каков е нивниот вкус.

Кочани во тој поглед е можеби најспецифична општина, бидејќи има долгогодишно искуство со оранжерии и пластеници, но пред се ја има геотермалната вода која би требало да биде најголемата предност во раноградинарското производство. Без оглед на контрапродуктивните препукувања во советот околу цената на кубен метар природно топла вода. Но дали природното богатство и идеалната местоположба сами по себе, ќе бидат доволни.

Ако еден килограм домашна свежа Бабура сега во Скопје чини 279 денари, марулата неверојатни 249 денари, краставиците 259 денари, сосема логично е овие цени да ги повлечат и другите низ државата, што неминовно ќе го доведе во прашањето прехранувањето на луѓето. Без разлика што владата ги замрзна цените на лебот, шеќерот, брашното, маслото за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомеснати производи и сирењето и урдата, бидејќи само од нив не се живее.

Проблемот е екстремно сложен и има длабоки корени. Меѓу суштинските се иселувањето на младите, лошата аграрна политика, немањето стратегија во земјоделското производство, уништувањето на сточниот фонд. Одтука, можеби некои ќе се збогатат од плантажите со марихуана, ама народот сигурно ќе се повеќе ќе гладува.

Сподели: