Човек сам што ќе си направи, …

Народната мудрост, „човек сам што ќе си направи, …“ и во кочански услови дава објаснување на многу значајни промашувања поради кои градот тапка во место. Една од најголемите бељи што кочанските фактори сами си ја направија е тоталното промашување со искористувањето на термалната вода во бањолошки туризам. Поразително за градот е што судбината на бањскиот развој на еден начин се заглави со давањето на СРЦ Водик на една фирма, која освен еден ресторан друго и не направи, иако на тој потег своевремено се планираа и проектираа хотели и базени. Дури и карабината до базенот, која беше изградена во време кога градоначалник на Кочани беше Лазар Веселинов, четврт век ја нагризува забот на времето.

Кочанци сами си направија, или дозволија некој да им направи, за дванаесетина хектари под оранжерии да и се дозволи на фирма да издупчи бунар и да ја црпе геотермалната вода без контрола, водејќи се исклучиво од своите бизнис интереси. Поради тоа општината не добива речиси ништо од искористувањето на топлата вода, а ризикува да ја загуби како енергенс.

При повеќе стопани, невозможно е да се стави ред во експлоатацијата на топлата вода, бидејќи секој влече на своја страна. Поради тоа едни по искористувањето на топлината ја реинектираат, односно враќаат во утробата на земјата а други неодговорно ја испуштаат во реките.

Сподели: