Кој да биде идниот градоначалник ?

Преостануваат уште десетина месеци пред да започне повторно да се вжештува атмосферата околу наредните редовни локални избори, особено околу најголемото прашање, кои ќе бидат кандидатите за градоначалник на Општина Кочани. Ако за граѓаните да се размислува на оваа тема е прерано, за тие што се засегнати на еден или друг начин, сигурно не е.

Одговорот на прашањето околу новите кандидати е неизвесен како речиси никогаш порадо. Прво, затоа што актуелниот градоначалник Николчо Илијев е дециден дека нема да се кандидира за уште еден мандат, бидејќи во изминатите три години на практицирање на функцијата, не почувствувал ни малку лично задоволство, ниту среќа, освен од позитивниот извештај на ревизијата во Општината. Неговото повлекување од позицијата да се биде прв човек во градот, ако не се случи нешто непредвидено, ќе биде прв случај некој да не сака втор градоначалнички мандат.

Со оглед на тоа дека градоначалничката фотеља е најголем предизвик за двете најголеми партии, а за неа ќе претендираат и од осоколената Левица и некоја друга помала партија, ќе биде интересно кои и какви кандидати ќе истрчаат на политичко-изборната патека. Интересно, затоа што за првпат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе немаат фаворити или звучни имиња како во минатото. Додуша, ако продолжи традицијата успешни бизнисмени да бидат кандидирани, предноста во Кочани да се најде и избере таков е на страната на СДСМ, затоа што сопствениците на повеќе фирми се наклонети кон владејачката партија. ВМРО-ДПМНЕ во бизнис круговите може да смета на два-тројца потенцијални кандидати, секако доколку го прифатат предизвикот.

Тоа што се наметнува како интересно прашање е, дали можат да понудат некакво позитивно изненадување популарната Левица, која ако се држи до досегашните принципи на дејствување, би требало да излезе со млад, одважен и амбициозен кандидат. Уште едно прашање ја копка јавноста, а тоа е дали и на локалните избори со кандидат за градоначалник и со советничка листа ќе се појави неизбежната ДУИ, охрабрена од гласовите што ги освои на последните парламентарни избори во Кочани и околината, околу 600.

А прашањето, каков градоначалник посакуваат граѓаните, се чини никој не го интересира. Речиси извесно е дека изборниот модел нема да се менува, па во таква ситуација повторно ќе се гласа за партии, а не за способни и креативни авторитети, кои знаат што можат и што сакаат да направат, без да го носат на плеќи тешкиот партиски товар.

Сподели: